Веселба заврши со масовна тепачка, едно лице рането со нож во Царев Двор, Ресен

453

Масовна тепачка се случила синоќа на веселба во хотел во ресенското село Царев Двор во која учествувале седум лица од Охрид и Ресен, од кои со тешки телесни повреди се здобило едно лице, а пет со телесни повреди.

Министерството за внатрешни работи информира дека синоќа, во 22,25 часот телефонски во ПС Ресен, С.Д. (38) од Ресен пријавил дека во хотел во село Царев Двор, Ресенско, каде се одржувала веселба, бил нарушен јавниот ред и мир со масовна тепачка помеѓу Б.А. (22) и У.Ф. (31) од Охрид, од една страна и Т.К., Е.К., Т.К., Р.К., О.М. од Ресен како и други лица кои биле присутни на забавата од друга страна.

Со возило на итна медицинска помош и приватни возила во Клиничката болница-Битола биле пренесени шест лица, при што кај Т.К. (47) од Ресен биле констатирани тешки телесни повреди убодна рана во пределот на градниот кош и расекотина во пределот на лицето, а додека кај останатите пет лица биле констатирани телесни повреди и биле пуштени на домашно лекување.

Извршен е увид на местото на настанот, а информирано е и Основното јавно обвинителство од Ресен. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.